Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, како претставник на Владата, денеска се сретна со претставници на синдикатот на индустрија, енергетика и рударство и претставници на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата „Еурокомпозит 11 Октомври“ од Прилеп.
Од Владата информираат дека премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, во моментот се на службено патување во Брисел, каде присуствуваат на форум во организација на ЕБОР и поради тоа не биле во можност да се сретнат со нив.
– На оваа средба е предложено во понеделник, 10 јуни, да се одржи состанок во поширок состав, на којшто освен претставници на Владата, ќе присуствуваат и директорот и останатите раководни органи во ‘Еурокомпозит 11 Октомври’, претставници на здружението на лицата на коишто им престанал работниот однос во фабриката, претставници на синдикатот на вработените во компанијата, како и претставници од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство на кој би се разгледале сите барања од сите засегнати страни, ќе се утврдат приоритети и ќе се пристапи на креирање на динамички план за реструктуирање на оваа компанија во државна сопственост – соопштија од Владата.
Од прилепски „Еурокомпозит“ за технолошки вишок се прогласени 154 работници кои очекуваат исплата на отпремнини по околу 100.000 денари, а на работа во фирмата се 60-ина работници. Сите заедно бараат и исплата на заостанатите плати и придонесите за шест и пол години.