Со барање за повисоки плати согласно Колективниот договор, вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) во Скопје и во регионалните канцеларии излегоа на предупредувачки протестот. Протестот траеше од 10 до 11:30 часот, а претседателот на синдикалната организација во регионалната подружница на УЈП-Штип од синдикатот „Солидарност“ Сашко Велковски вели дека истиот е за добивање повисока плата согласно Колективниот договор.
Барањето на вработените е платите да се зголемат за 30 отсто.
„Овој прекин на работа е само еден жолт картон на раководството во Министерството за финансии кое и покрај преговорите што ги имавме во изминатиот период, никако да ни ги одобри нашите барања што ни следуваат согласно Закон“, вели Велковски.
Тој посочува дека трошоците за живот континуирано растат, а платите на вработените во УЈП се исти со години. Доколку нема зголемување, вели, вработените се подготвени и за порадикални чекори, односно ќе продолжат со протести и генерален штрајк.