Вработените во „Еуроникел индустри“ кои стравуваат за судбината на фабриката преку писмо до неколку надлежни институции бараат помош и поддршка. Тие од премиерот, вицепремиерот задолжен за економски прашања, од министрите за економија и финансии, градоначалникот на Кавадарци, една од банките и од Стопанска комора бараат заедничко решение за надминување на кризната состојба во „Еуроникел индустри“ ДОО.
„Како што знаете, трговското друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ‘Еуроникел индустри’ ДОО Кавадарци како целосен преземач на ‘Фени индустри’ АД во стечај, го продолжи деловниот потфат, го одржа и континуирано го водеше производствено-технолошкиот процес, и директно ја реши судбината на голем број вработени. Како вработени, искрено мислевме дека ќе продолжиме со ваквиот успех и ќе редиме уште поголеми достигнувања, така и ни беше ветувано од инвеститорот“, пишува во дописот.
Се нагласува дека до пред извесен период вработените биле убедени дека тешкиот период е далеку зад нив и никогаш нема да се повтори ниту слична ситуација како стечајна постапка. Но, за жал, се додава, компанијата се соочува со сериозни тешкотии и проблеми. Според сознанија на вработените, банката кај која е заложен целокупниот имот на комбинатот, водела разговори со различни потенцијални инвеститори и притоа имала намера да изврши ликвидација на имотот, за наплата на нејзините побарувања како доверител, за што со денови во компанијата биле присутни проценители кои го попишувале имотот.
„Како вработени, многу добро знаеме дека во таква една постапка, печката ќе се изгаси, сите ние вработените ќе останеме буквално на улица на работ на својата егзистенција, а оштетени ќе бидат и сите останати доверители. Факт е исто така дека доколку се изгаси печката, имајќи предвид колку време и средства се потребни за нејзино рестартирање, дека веројатно ова ќе биде крајот на оваа фабрика која отсекогаш била од огромна економска и стратешка важност за државата, имајќи предвид обемот на средства кои влегуваат во државната каса по основ на разни даноци, придонеси и други давачки“, пишуваат вработените. Тие бараат помош за заеднички да се најде излез и решение од оваа ситуација, бидејќи фабриката имала електрична енергија само уште за два дена.
„Штом се исклучи печката ќе настане технолошко-економска катастрофа од огромни размери на штета на сите вработени, на добавувачите, транспортерите, банката, државата и какви било потенцијални инвеститори, загрижени се вработените.
Тие молат за внимание околу нивниот проблем.
„Сметаме дека е исклучително важно да се обезбеди електрична енергија за греење на печката, за во меѓувреме да се најде и инвеститор кој е подготвен да го продолжи работењето на фабриката, со што сите вработени ќе ги задржат работните места, сите доверители ќе бидат исплатени, фабриката ќе продолжи да работи во интерес на сите засегнати страни. Имаме информација дека има и такви заинтересирани инвеститори, што се спремни да го преземат и продолжат работењето на фабриката и ќе биде спас од оваа голгота и единствен излез за сите нас. Бараме да застанете зад нас вработените и да не дозволите оваа фабрика да згасне, во која сме го вложиле целиот наш работен век и не сакаме туку така, буквално ‘низ вода’ да биде пуштен не само целиот наш труд, туку и на нашите идни генерации“, пишува во дописот.
Вработените пишуваат дека се спремни да ги бранат фабриката, лебот и егзистенцијата со сите инструменти што се на располагање, преку собири, протести и блокади, само и само да се спасат работните места и егзистенцијата на повеќе од 1.000 семејства кои директно зависат од фабриката.
„Всушност, ако се земат предвид и надворешните добавувачи, транспортери и слично, оваа бројка е секако поголема од 2.000 семејства. Ве молиме погледнете на оваа ситуација од човечки аспект, дека сите ние сме луѓе со семејства, со деца кои треба да ги храниме, школуваме, облекуваме, вдомуваме, со различни здравствени проблеми и со бројни други човечки потреби. Особено ако се земе предвид дека ако се исклучи печката, губитници ќе бидеме сите“, се вели во дописот.
Добавувачот на храна за вработените во „Еуроникел индустри“ денеска им соопштил дека од утре нема да има испорака.