Граѓаните со отворени сметки во Еуростандард банка останаа без своите пари. Над 130 илјади од нив денеска не можат да си ги подигнат пензиите, платите, социјалната помош или пак заштедените пари во банката која оди под стечај. Вратите на Еуростандард денеска осамнаа пломбирани од страна на Народната банка. Се чека да биде назначен стечаен управник.
„Трансакциска сметка имам, ама гласи на име на татко ми пензионер е, а имам полномошно само за Еуростандард банка и сега не знам што да правиме. Имам пари не можам да ги подигнам никако.“
„Мајка ми пензијата ја зимаше преку оваа банка. Сега го сликаме соопштението, но извадивме сметка од друга банка, нема што да се чека.“
Од Фондот уверуваат дека во наредните 20 дена парите ќе бидат исплатени, а граѓаните и фирмите навремено ќе бидат информирани од која банка ќе може да ги подигнат. Народната банка ги повика корисниците на сметки во Еуростандард да отворат нови сметки и да го информираат работодавачот, а пензионерите нова сметка во друга банка ќе треба да отворат најдоцна до 21 август.
„Предмет на обештетување се денарските и девизните депозити, средствата на трансакциските сметки издадени од банката. Депонентите ќе добијат потврда за сопственост на депозит, фондот ќе ги извести депонетите за датумот на отпочнување на исплатата на обештетување на депозитите и за називот на банките преку кој ќе се исплаќа обештетувањето.“
Останува да се види што ќе се случи со кредитните обврски кои физичките лица ги имаат кон оваа банка. По отворање на стечај, стечајниот управител ќе одлучи на кој начин ќе се враќаат земените кредити. Од Македонската банкарска асоцијација уверуваат дека останатите банки се подготвени да излезат во пресрет и да ги рефинансираат кредитите на правните и физичките лица, односно кредитите да продолжат да се плаќаат, но во други банки.