Доларот во средата на меѓународните девизни пазари се лизна на најниското ниво во последните две недели во однос на кошницата валути. Долар индексот, кој ја мери вредноста на доларот во однос на шестте водечки светски валути, падна на 95,892 поени, на најниско ниво од 5 март.
Поради послаб долар еврото кратко достигна 1,10 $, највисоко ниво во последните три недели. Подоцна еврото се тргуваше по 1,0997 $, што значи дека зајакна за 0,15 проценти во споредба со предходниот ден.
Во фокусот на пазарот ќе биде соопштението на Банката на федерални резерви ФЕД по завршувањето на дводневната седница, на која не се очекуваат промени во монетарната политика, но на инвеститорите ќе им биде од интерес што ќе соопштат од ФЕД во врска со состојбата на економијата. Седницата на ФЕД се случува во време кога од најголемата економија во светот пристигнуваат салаби економски показатели, кои се припишуваат главно на лошите временски услови.
“Нашите очекувања се дека ФЕД во соопштението ќе обрати внимание на слабите индикатори за првиот квартал, но дека нема да има промени во однос на очекувањата поврзани со движењето на инфлацијата. Споменувањето на слабите економски индикатори може да бидат неповолни за доларот”, изјави Callum Henderson, валутен аналитичар на Standard Chartered.