На светските девизни пазари, вредноста на доларот ослабе и минатата недела, трета по ред, пред се како последица на знаците за забавување на растот на американската економија поради кои се повеќе е веројатно дека Банката на федерални резерви ФЕД ќе ја одложи одлуката за зголемување на каматните стапки.
Девизниот курс на еврото во однос на доларот зајакна минатата недела за 0,7 проценти на 1,0970 $, а во петокот во еден момент се проби и над нивото на 1,10 $. Американската валута ослабе и во однос на јапонскиот јен за 0,1 проценти, на 118,95 јени. Еврото во однос на јенот зајакна за 0,6 проценти, на 130,55 јени.
Минатата недела на девизните пазари владееше претпазливоста и вредностите на валутите се движеа во тесен опсег. Сепак, доларот ослабе остро во петокот, откако беше објавено дека во САД бројот на вработени во март се зголемил за само 126.000, половина помалку во однос на предходниот месец, а најмалку од крајот на 2013 година. Со тоа е прекината низата од дванаесет последователни месеци на континуиран раст во вработувањето за повеќе од 200.000 лица месечно, што не е забележано од 1994 година.
По објавувањето на извештајот, доларот нагло падна во однос на кошницата на валути, бидејќи со тоа се зајакнаа шпекулациите дека по овие слаби индикатори ФЕД ќе го одложи планираниот пораст на каматните стапки. ФЕД долго време го најавува зголемувањето на клучните каматни стапки за прв пат од 2006 година и порачува дека тој потег ќе зависи од економските индикатори.
A најновата серија на податоци покажуваат дека растот на бруто домашниот производ (БДП) остро забавува. Во третиот квартал од минатата година, БДП се зголемил за импресивни 5 проценти на годишно ниво, додека во последниот квартал од минатата година растот е забавен на околу 2 проценти, а во првиот квартал од оваа година може да биде помалку од 2 проценти.
“Зголемувањето на каматните стапки во јуни не е веројатно затоа што овие проценки се базирани на очекувањата дека економијата и вработеноста силно ќе растат. После овие податоци, ФЕД тој потек може да го одложи до септември, а можеби и дури за декември”, изјави Sung Won Sohn, професор по економија на California State University Channel Islands.