На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути порасна минатата недела, по две недели пад, додека еврото благо ослабе откако Европската централна банка ги остави каматните стапки непроменети.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела зајакна за 0,3 отсто, на 104,39 поени. Истовремено, вредноста на доларот во однос на европската валута се зголеми за 0,2 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,0880 долари.

Сепак, курсот на доларот падна во однос на јапонската валута, за 0,25 отсто, на 157,50 јени. Падот на доларот во однос на јенот е веројатно резултат на нова интервенција на пазарот, велат трговците, иако јапонската централна банка не го потврди тоа.

Но, монетарните власти веќе подолго време предупредуваат дека ќе интервенираат доколку цената на јенот премногу падне, а до неодамна таа лебдеше на најниското ниво од 1986 година.

Претседателот на ФЕД Џером Пауел минатата недела изјави дека верува оти економијата ќе избегне рецесија и дека инфлацијата постепено паѓа кон целното ниво од 2 отсто. Еврото, од друга страна, благо ослабе во однос на доларот минатата недела.

На редовната седница, челниците на Европската централна банка ги оставија каматните стапки непроменети и не најавија дополнителни потези.