Финансиската состојба на Американците, покрај економската криза предизвикана од пандемијата, се подобрила во изминатите години, покажуваат резултатите од најновата анкета на Федералните резерви (Централна банка на САД).
Од 2019 до 2022 година вредноста на имотот на просечно американско семејство пораснала за 37 отсто, најголем раст во текот на три години откако Фед започна да ја прави оваа анкета пред три децении.
Според анкетата, економската нееднаквост меѓу богатите и сиромашните во САД донекаде се намалила во тој период. Привремената владина помош за време на пандемијата е една од причините за стекнатите добивки.
Средната заработувачка по семејство исто така пораснала, но само за три отсто, и најголем дел од тоа зголемување се однесува за оние со повисоки плати.