Вредноста на златните резерви на Русија во октомври за прв пат надмина 200 милијарди долари, покажуваат објавените податоци на Банката на Русија.

На крајот на октомври Русија имаше златни резерви во вредност од рекордни 207,7 милијарди долари, а руските инвестиции во злато минатиот месец се зголемија за речиси четири отсто.

Учеството на златото во вкупните руски меѓународни резерви се зголеми на 32,9 отсто во октомври, што претставува рекорден удел од ноември 1999 година кога изнесуваше 34 отсто.

Максималното учество на златото во руските резерви беше забележано на 1 јануари 1993 година и беше на ниво од 56,9 отсто, а минималното учество во јуни 2007 година – само 2,1 отсто.

Банката, исто така, во петокот објави дека вкупната вредност на руските меѓународни резерви, вклучувајќи злато и девизи, на 1 ноември изнесува 631,6 милијарди долари.