Претседателот на Владата Зоран Заев, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, вчера оствари средба со претставнички од телото на Обединетите Нации (ОН) за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women).

 

 

 

 

Во текот на средбата беше разговарано за важноста на прашањата поврзани со родовата еднаквост при креирањето на Буџетот и чекорите кои треба да се преземат со цел планирањето на програмите и јавните финансии да одговори на потребите на жените и мажите.

 

 

Премиерот  истакна дека по однос на ова прашање веќе е време да се зборува за конкретни практики, а не само за теоретски решенија. Тој, потенцирајќи ја отвореноста и волјата на Владата за подобрување на родовата еднаквост во државата, истакна дека и досега Владата прави напори за напредок во областа на родовата еднаквост и правата на жените.

 

 

Присутните министри со претставничките на телото за родова еднаквост при ОН, разменија конкретни предлог-решенија како да се воспостави траен линк помеѓу родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање, преку алокација на неопходните ресурси за негова имплементација. Исто така беа разгледани и можности за спроведување на родови анализи како инструмент за подобрување на потребите на мажите и жените при креирањето на буџетските политики на земјата.

 

 

На средбата, премиерот и присутните министри, истакнаа дека Владата има отворена волја, да го унапреди механизмот на планирање на буџетските политики и во соработка со ОН, да се изнајдат ефикасни алатки со кои родовата компонента успешно би се инкорпорирала во стратешкото планирање на Буџетот на Република Македонија