Владата на седница минатата недела донесе одлука за согласност за објавување втор инвестициски оглас за доделување државно земјоделско земјиште под закуп над три хектари. Со овој оглас на располагање за давање под закуп се 1.453 хектари во Свети Николе, Велес, Струмица, Куманово, Неготино, Битола, Кочани, Кисела Вода, Пробиштип, Берово, Штип, Тетово, Кавадарци, Гевгелија и во Крива Паланка.
Земјоделското земјиште предмет на огласот во зависност од видот на земјоделската култура што ќе се одгледува, ќе се доделува во времетраење од: 30 години за подигање долгогодишни насади (лозја и овоштарници) и оранжерии, за период до 70 години за подигање долгогодишни насади со лешник, за период до 15 години за одгледување други земјоделски култури и за период до 20 години и за рибници.
„Она по што се разликува овој оглас од другите е што се работи за оглас што, освен за подигање насади, е наменет и за инвестиции во земјоделството и руралниот развој. Поточно, освен за примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис-план за инвестиции во преработувачки капацитети. Рокот за доставување на потребната документација до Министерството е 40 дена сметајќи од денеска. Огласот ќе се спроведе во транспарентна постапка по пат на електронско јавно наддавање, а имаат право да конкурираат сите домашни физички и правни лица и странски правни лица“, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и и водостопанство.
Посебен акцент, додаваат од таму, се дава на можноста на апликација за добивање на земјоделско земјиште во државна сопственост на физичките лица на возраст до 40 години или на трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 година, при што обврската за плаќање на закупнината настапува три години по влегувањето на сила на договорот за закуп.
Со првиот ваков оглас во март годинава се потпишаа 17 договори со вкупна површина од 1.240 хектари. Вкупната инвестиција на сите овие договори е 11 милиони евра кои ќе се вложуваат во следните пет години во изградба на винарници, кланици, млинови, оранжерии и откупни центри.