Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска втор ден по ред треба да продолжи со разгледување на Предлог-буџетот за 2024 година. Расправата по Предлог-буџетот почна вчера, а ќе трае 10 работни дена, по што треба да се најде на усвојување на пленарна седница.
Согласно утврдените рокови, Буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Владата го карактеризира како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост.
За опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Предлог – буџетот е највисок во историјата, нереален, неразвоен, креиран без концепт, нема јасна визија и е поставен на основи кои се неодржливи.