До 12 декември ќе трае вториот бран на субвенционирање на граѓаните за купување на печки на пелети, овој пат овозможено од Министерството за економија, со ребалансот на буџетот. Имено министерството добило нови средства во износ од 7 милиони денари, кои ќе им бидат доделени на 220-230 домаќинства, не повеќе од 30 илјади денари поединечно, во периодот до 12 декември, а со почеток од 1-ви септември. Со други зборови, ако сте купиле печка од 1-ви септември, односно имате намера до 12 декември тоа да го направите, би требало брзо да реагирате со пријавување во министерството за економија.
-Во јавниот повик детално се наведени условите и потребната документација за аплицирање и иако е отворен до 12 декември годинава, морам да потенцирам дека доделувањето на поддршката на домаќинствата е по принципот прв дојден – прв услужен, појасни министерот Крешник Бектеши.
Бектеши повтори дека ова е втор повик, откако во првиот 453 домаќинства ги исполниле условите и добиле печки. Бектеши е горд на сумата од вкупно 21 милиони денари од двата повика одвоени за оваа мерка, а потсети дека неговото министерство, субвенционирало и замена на стари со нови прозорци во 1005 домаќинства, како и купување и вградување на сончеви термални колекторски системи за 517 домаќинства.