Акциите на светските берзи бележат силен раст бидејќи инвеститорите одлучија да ја тргнат настрана загриженоста за тоа како коронавирусот ќе влијае на корпоративните профити на светските гиганти и глобалната економија.
Индустрискиот индекс на Њујоршката берза „Dow Jones” скокна за 201 поени или 0,7 проценти, со што достигна историски рекордно највисоко ниво од 29.483,49 поени.
Индексот „S&P 500” напредуваше за 0,6%, истовремено регистрирајќи го и највисокото ниво од 3.377,38 поени, а индексот за технологија „NASDAQ Composite“, кој зајакна за 0,7% на 9.707,35 поени, доби силен интензитет, пренесува „CNBC“.
На европските пазари, германскиот индекс „DAX” се искачи за скоро 0,9 проценти на 13.749,78 поени, францускиот „CAC 40″ ја зголеми вредноста за 0,8 проценти на 6.104,73 поени, лондонскиот „FTSE 100″ се зголеми за скоро 0,5 проценти на 7,534,37 поени, а пан-европскиот „STOXX Europe 600” се зголеми за 0,6 проценти на 431,16 поени.