Веројатноста цената на биткоинот да падне до 100 долари е поголема од онаа дигиталната валута да поскапе до 100.000 долари за деценија, изјави економистот и професор на Универзитетот Харвард, Кенет Рогоф.
„Сметам дека за 10 години биткоинот ќе чини многу мал дел од вредноста во моментов. За мене цена од 100 долари е многу веројатна, отколку цена од 100.000 по 10 години“, рече Рогоф во интервју за „CNBC“.
„Во пракса, ако ја исклучите можноста за перење пари и даночно затајување, реалната примена на биткоинот како платежно средство се многу мали“, вели поранешниот економист на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Според Рогоф владините регулативи ќе предизвикаат пад на цената на биткоинот, иако според него ќе биде потребно извесно време за создавање на глобална регулаторна мрежа.
„Регулацијата навистина треба да се спроведе во светот. Дури и ако САД и Кина наметнат регулативи, а Јапонија на пример не го направи, луѓето ќе можат да перат пари во Јапонија“, вели Рогоф.
Биткоинот се тргува на 10.587 долари денес, според „CoinDesk“. Дигиталната валута поевтини со околу 16% од почетокот на годината, откако падна од рекордни над 19.000 долари, постигнати во декември.
Една од причините на властите да не преземаат толку активни регулаторни активности спрема биткоинот се очекувањата околу технологијата која стои зад крипотвалутата, смета Рогоф.
„Тие сакаат да видат како ќе се развива технологијата“, вели економистот, додавајќи дека во историски план приватниот сектор има измислено сè што се однесува до платежните средства.
Ова не е прв случај во кој Рогоф предвидува пад во криптовалутата. Пред распродажбата на биткоинот во декември, Рогоф изјави за „CNBC“ во октомври дека цената на дигиталната валута ќе падне во позадина на обидите на владите да ја регулираат трговијата.