За 2,5 денари заостанат долг од пред 12 години, кичевчанката Злата Штерјоска треба да плати 600.000 денари.
Ова е само еден пример што ја зовре атмосферата во однос на присилната наплата на стари долгови со што се соочија граѓаните, особено сега пред крајот на годината кога извршителите ги расчистуваат сметките.
Здружението „Стоп за извршителите“ веќе организира два масовни протести, но најави дека ќе протестира секој вторник доколку не се усвојат нивните барања – бришење на каматите за старите долгови кај јавните претпријатија и акционерски друштва што се претежно во државна сопственост, ограничување на износот на банкарските камати и ограничување на застареноста на долгот, односно бришење стари долгови.
Воскреснаа каматите од Македонска банка
За тоа какви судбини споделиле граѓаните во врска со заостанатите долгови, разговаравме со Марјан Ристески, активист во здружението „Стоп за извршителите“.
Ристески вели дека кај нив дошле да се пожалат граѓани за долгови во Македонска банка, која 12 години веќе е во ликвидација. Според сознанијата на „Стоп за извршителите“, присилна наплата за долгови од Македонска банка има дури за 3.200 граѓани.