Економската криза, покачувањето на цените на огревното дрво, како и мерките за субвенционирање на дел од трошоците за инвертер клими, го намали интересот на граѓаните, да го користат дрвото како суровина за затоплување оваа зима. Велат скапо е и на струја и на дрва, но мора да најдат начин како ги затоплат своите домови оваа зима. Од Здружението на пензионери велат-оваа година цената за метар просторен огревно дрво изнесува 4.800 денари, за сметка на тоа побарувачката е намалена за 50 проценти…
Во пресрет на зимата што доаѓа, граѓаните бараат начин како поевтино да ги затоплат своите домови. Економската криза, субвенционирањето на дел од трошоците за инвертер уреди, како и покачената цена на енергенсите, ја намали побарувачката за огревно дрво оваа година.
„Цената на дрвата е превисока, ама обезбедивме пак некако“.
„За цената на дрвата, народот нема пари во оваа држава, тешко многу еден кубик дојден е околу 100 евра“.
„Скапо е и струја и дрва скапо е, меѓутоа мора на нешто“.
Минатата година цената за метар просторен изнесуваше 3.100 денари, оваа година порасна на 4.800 денари, за сметка на тоа, побарувачката на огревно дрво се намали за 50% велат од Здружението на пензионери.
„Минатата година беа запишани 10.000 мп меѓутоа оваа година на пола. Цената изнесува 4.800“, изјави Даница Петличкова, претседател на Здружение на пензионери.
Оние пензионери кои имаа рана уплата за огревно дрво, но во меѓувреме во приватните складови, најдоа дрва со пониска цена, Здружението на пензионери им излезе во пресрет, и им ги врати уплатените средства назад.
„Од оние 6.000 мп што беа запишани во месец март, 2.000 се откажаа, со тоа што им беа вратени парите назад, со тоа што тие си набавија поевтини дрва“, изјави Даница Петличкова, претседател на Здружение на пензионери.
Цените за метар просторен огревно дрво во приватните складови се движи од 4.500 до 5.000 денари. Доколку на оваа цена се додадат и трошоците за сечење, цепење и редење, оваа цена би се зголемила за околу 500 денари.
Последните истражувања на Државниот завод за статистика покажуваат дека речиси половина од домаќинствата во Македонија се греат на дрва, повеќе од 30 проценти на струја, околу 10% на брикети и пелети, а останатите се приклучени на централно парно.