Анализа: Како банкарскиот сектор го заврши третиот квартал од годинава?

Тринаесет банки што работат во земјава за девет месеци направиле нето-добивка од 242,1 милион евра, покажува извештајот за билансот на состојба од Народна банка. Оваа добивка е за 45,1 милион евра поголема од пред една година, кога изнесувала 197 милиони евра. Состојбата, пак, пред две години, односно на 30.9.2022 година, по оданочување на банкарскиот сектор била добивка од 131 милион евра, а на 30.9.2021 година изнесувала 117,5 милиони евра, што значи дека за период од три години нето-добивката не само што се дуплирала, туку го надминала и тој износ.

Нето-добивки на банкарскиот сектор низ годините на крајот од третиот квартал

Извор: Народна банка

Зголемувањето на нето-добивките на банките за познавачите на банкарскиот сектор е добар показател, но може да значи и преголем искористен простор за каматна маржа, провизии и надоместоци. Банкарскиот сектор низ сите овие години значајно го зголеми и кредитирањето, а и собирањето средства – две компоненти што укажуваат на потенцијален развој.

ГОЛЕМИТЕ БАНКИ СОЗДАВААТ 90 НАСТО ОД ДОБИВКАТА

Заклучно со 30.9.2024 година, големите банки создале 90,3 насто од вкупната нето-добивка на банкарскиот сектор.

Притоа, во групата на големи банки (со актива над 50,95 милијарди денари на 31 декември 2023 година) се вбројуваат: Комерцијална банка, Стопанска банка АД Скопје, НЛБ банка, Халк банка и Шпаркасе банка, и тие заедно направиле нето-добивка од 218,7 милиони евра.

Во групата на средни банки (со актива меѓу 12,7 и 50,95 милијарди денари на 31 декември 2023 година) се вбројуваат: Прокредит банка, Развојна банка, Универзална инвестициона банка, и направиле добивка од 18,2 милиони евра.

Малите банки (со актива помала од 12,7 милијарди денари): Централна кооперативна банка, ТТК банка, Стопанска банка ‒ Битола, Силк роуд банка и Капитал банка, направиле вкупна добивка од 5,2 милиони евра.

Вкупни нето-добивки за тековната година заклучно со 30.9.2024 година

ЗА 9 МЕСЕЦИ ОД КАМАТИ СОБРАЛЕ 226,8 МИЛИОНИ ЕВРА

На банките, секако, каматите им се најголем приход. Билансот на успех на банкарскиот сектор заклучно со 30.9 годинава, покажува дека банките наплатиле вкупно камата од 226,9 милиони евра. Секако, и банките плаќаат камата за депозитите што ги имаат, а таа во вкупен износ била 38,3 милиони евра. Така, нето-приходите од камати (како разлика меѓу наплатените и платените камати) што банкарскиот сектор ги остварил изнесувале 188,6 милиони евра.

Втора важна ставка во формирањето на приходите на банките се надоместоците и провизиите. Банкарскиот сектор за девет месеци наплатил 104,7 милиони евра. Расходите на банките што ги платиле за надоместоци и провизии се 38 милиони евра. Значи, нето-износот од приходи од надометоци и камати на банкарскиот сектор е 66,7 милиони евра.

Приходи и расходи на банкарскиот сектор заклучно со 30.9.2024 година