Се јави еден нов играч кој ве набљудува што купувате за да може да ги насочи понудите кон вас: банката која ви ја издала дебитната или кредитната картичка.

Со години, Гугл и Фејсбук прикажуваат реклами врз основа на вашето онлајн однесување. Трговците како Амазон или Волгринс исто така редовно ја следат вашата трансакциска историја за да ве насочат кон нивните производи и да ја задржат вашата лојалност.
Сега и банките, исто така, сакаат да ги искористат податоци кои ги поседуваат за вашите потрошувачки навики за екстра заработувачка, идентификувајќи потенцијални муштерии за трговците. Банките се повеќе стануваат свесни дека поседуваат огромно богатство од информации кои можат да се искористат за да се предвиди или насочи- вашето трошење. Историски, таквите податоци најчесто беа користени за заштита од измами.
Замислете дека денеска сакате да се почестите еден ручек. Доколку порачате ручек во еден ресторан и платите со кредитната картичка, вашата банка набрзо би можела да ви понуди 10 проценти попуст во конкурентскиот ресторан. Банката ќе заработи провизија од ресторанот како од тоа што ви ја доставила понудата, така и од трансакцијата.
Повеќе американски банки, повеќето помали, веќе започнаат ваква пракса.

Тајното оружје на банките

За разлика од Гугл или Фејсбук, кои се обидуваат да ви наметнат избор следејќи го вашиот интерес на интернет, посетите на одредени интернет-страници или пребарувања, „банките имаат тајно оружје затоа што всушност знаат на што ги трошиме парите“, вели Силвио Таварес од трговската групација КардЛинкс.

„Тоа е далеку подобар прогнозер на она на што ќе ги потрошиме парите“, додава тој.
Иако банките засега велат дека се претпазливи и внимаваат на приватноста, не е сосема јасно дали потрошувачите се целосно свесни што планираат нивните банки.
Банките знаат некои од нашите најдлабоки, најтемни тајни: сметките платени на клиниката за лечење од рак, или сметката од некој стриптиз клуб.
„Пред 10 години, вашата банка беше како вашиот психијатар или вашиот свештеник- ги чуваше тајните“, вели Ед Мирзвински, адвокат за заштита на потрошувачите во американската Група за истражување на јавниот интерес. Сега, вели тој, „банките мислат дека се исти како и некоја продавница или интернет трговец“.
Старт-ап компанијата Кардлитикс, која е еден од пионерите во оваа област, веќе работи вакви програми за повеќе американски банки. Оттаму велат дека преку партнерството, Кардлитикс добива увид во над 2,8 трилиони долари трансакции ширум светот.

Symbolbild Geldscheine und Kreditkarten (picture-alliance/P. Byrne/PA Wire)Секојпат кога ќе платите со картичка, банката има увид во вашите навики и потреби

Попустот поважен од приватноста
Што се однесува до компаниите како оваа, Американците веќе повеќе пати покажале дека повеќе ги интересираат попусти одошто нивната приватност.
„Потрошувачите разбираат дека банките им даваат можности да заштедат пари врз основа на тоа како купуваат“, вели првиот човек на Кардлитикс, Скот Грајмс.
Но банките честопати не објаснуваат јасно што прават со вашите податоци, иако понекогаш ги споделуваат информациите за вашите трансакции со надворешни компании. И многу банки воопшто и не бараат ваше одобрување за тоа, и ги вклучуваат ваквите согласности во генералните договори за картички или онлајн банкарство.
Банките инсистираат дека тие не споделуваат лични информации со други компании и ги заменуваат имињата на корисниците со анонимни бројки. Но аналитичарите велат дека таквите податоци можат да се „де-анонимизираат“ под одредени услови.
Застапниците на приватноста велат дека старите трансакции би можеле да ви создадат проблеми. На пример, честите посети на ресторани за брза храна би можеле да ве претстават како здравствен ризик, и тоа ќе предизвика проблем доколку вашата здравствена осигурителна компанија дознае. Автомобилските осигурителни компании би можеле да ви прават проблем доколку пречесто посетувате барови.
И конечно, таргетираните понуди би можеле да ги охрабрат луѓето да претеруваат со трошење или да продолжат со нездрави навики како што е брзата храна.
„Потрошувачите не се свесни за суптилните поттурнувања кои им ги прават овие апликации за купување, купување, купување…Тие практично копаат длабоко во вашата психа и дознаваат како да ве манипулираат“, вели Ед Мирзвински, адвокат за заштита на потрошувачите.

 

 

Извор:  DW