За два милиони евра е оштетен државниот буџет поради непреземање мерки од страна на комисиите на Министерството за економија во периодот од 2019 до 2023 година, информира министерот Дурмиши, според податоците на внатрешната ревизија…

Набавен софтвер кој не бил пуштен во употреба, договор за јавна набавка за градежни материјали за фотоволтаичен центар кој не е изграден, неправилности при ангажирање лица со договор на дело без соодветна квалификација, прекршоци при користењето на службените возила и набавката на гориво-ова се само дел од неправилностите во Министерството за економија и труд што ги регистрирала внатрешната ревизија.

За два милиони евра е оштетен државниот буџет поради непреземање мерки од страна на комисиите на Министерството за економија во периодот од 2019 до 2023 година, информира министерот Дурмиши, според податоците на внатрешната ревизија. Комисијата за прекршоци и изрекување санкции при Министерството за економија е формирана четири години по приемот на предметите од Државниот пазарен инспекторат, па Дурмиши го поставува прашањето што работела за тој период. Како резултат на нефункционалноста на Комисијата застареле 1.500 предмети.

Во 2021 година е извршена набавка на Софтвер за управување со апликации од физички и правни лица за потребите на министерството во вредност од 2 милиони 490 илјади денари, но истиот не е во функција и нема објаснување или извештај зошто овој Софтвер не е пуштен во употреба.

Биле ангажирани лица со договор на дело без соодветна квалификација. Имало прекршоци и во користењето на службените возила и набавката на гориво.