На крајот од септември во Македонија се регистрирани 151.359 невработени лица, што е за речиси 50 проценти повеќе во однос на истиот месец лани, кога имаше 101.036, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.
Од март, кога почна кризата со коронавирусот и беше прогласена вонредна состојба, а беа регистрирани 107.732 невработени, до крајот на септември бројот на лица без работа е зголемен за 43.627.
Агенцијата, пак, во табеларниот приказ за првите девет месеци од годинава напомнува дека „со состојба на 30.09.2020 година евидентирани се 14.819 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување, е регистрирана во периодот по 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од Ковид-19 вирусот“.
Споредено на месечно ниво, бројот на невработени во септември се зголемил за 4,6 отсто во однос на претходниот месец, кога беа евидентирани 144.759 лица без работа.