Олеснувањето на процедурите за добивање на работни визи во Германија дополнително ќе ја испразни државата и ќе го зголеми проблемот со недостиг на работна сила. Голем дел од работниците ќе заминат од државата не само поради повисоките плати, туку и поради подобрите услови за живот. Ние имаме две варијанти ништо да не правиме и економијата да ни доживее колапс или и ние да ги олесниме процедурите за вработување на странци, вели за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров од Организација на работодавачи на Македонија.

Германија ќе ни ги земе и оние работници кои останаа. Државата усвои нови законски измени со кои се отвораат вратите за влез на 400 илјади нови работници, а најпожелни се оние од Балканот. Новиот закон ќе им овозможи на работниците мигранти да се иселуваат во Германија и без понуда за работа, а се намалуваат и бирократските процедури. Нашите работодавачи кои веќе се соочуваат со недостиг на работна сила стравуваат дека со олеснување на условите за добивање на работни визи ќе им отидат и тие работници кои останаа во државата. Поради тоа, тие бараат зголемување на квотите за влез на работна сила.

-Олеснувањето на процедурите за добивање на работни визи во Германија дополнително ќе ја испразни државата и ќе го зголеми проблемот со недостиг на работна сила. Голем дел од работниците ќе заминат од државата не само поради повисоките плати, туку и поради подобрите услови за живот. Ние имаме две варијанти ништо да не правиме и економијата да ни доживее колапс или и ние да ги олесниме процедурите за вработување на странци, вели за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров од Организација на работодавачи на Македонија.

Според него, за да се зголеми бројот на странски работници во државата потребно е да се олеснат процедурите во нашите дипломатско-конзуларни претставништва и да се зголемат квотите за вработување на странци.

-Ние сме свесни дека тие странци може нема да останат тука долго и оти можат и тие да заминат во европските земји, но мора нешто да преземеме за да го решиме проблемот, отколку да седиме со скрстени раце, додава Димитров.

Новиот закон кој го усвои Германија за да привлече странски работници предвидува помалку пречки и пониски критериуми за работниците од земјите надвор од Европската Унија.

Зоран Кочоски, директор на „Коузон“, за весникот ВЕЧЕР вели дека освен јазикот, кој многу малку Македонци го знаат, постојат и многу други бариери, а една од нив се работните навики.

– Постои голем интерес за добивање работна виза и за иселување во Германија, но постои проблем што немаат доволно квалификации и покажуваат слаби работни резултати. Најчесто се иселуваат оние што работат во земјоделството, производството, градежништвото… кои немаат соодветни квалификации, а и не го знаат германскиот јазик – вели Кочоски.

Сепак, според него, она што е поголем проблем се работните навики и високите очекувања на германските работодавци од нашите работници.

– Во Германија, продуктивноста е на прво место и многу се работи. Кај нас, поинаку се поставени работите и тука заварувач ефективно работи 3 часа, но таму мора да работи ефективно 8 часа и да се види што сработил. Ако не работи доволно, односно ако ескивира, може да го отпуштат и да го вратат назад – објаснува Кочоски.

Новиот закон кој го усвои германскиот Бундестаг има систем на бодување заснован на повеќе критериуми, познавање на јазик, универзитетска диплома или стручност. Странците треба да имаат минимум 6 поени за да можат да бараат работа во Германија. Новиот закон ќе им овозможи на работниците мигранти да доаѓаат во Германија и без понуда за работа.

Стимулациите вклучуваат можност работниците да ги носат не само сопружниците и децата, туку и родителите со себе во Германија. Ова претставува голема промена во германската државна политика.

Германија со години има ниска стапка на невработеност, но сега германските бизнис лидери почнаа јавно да зборуваат за недостигот на работна сила. Владините министри предупредуваат дека веќе е неопходно да се пополнат милиони слободни работни места, а недостигот на работна сила го опишуваат како најголем ризик со кој се соочува германската економија.

Инаку, македонските гастарбајтери во Германија заработуваат од 1.500 до 4.000 евра. Најчесто се бараат работници во угостителството, производството, индустријата, градежништвото, земјоделството, услугите за чистење, обезбедувањето… За повеќето од овие работни места не е потребно добро познавање на јазикот, иако е пожелно. Поголемиот дел од работниците од Македонија во Германија работат на оние послабо платени работни места, за кои се потребни само диплома за завршено средно образование и површно познавање на јазикот.

Во градежништвото и во сродните дејности, во просек се заработуваат до 2.500 евра месечно, тулар заработува 3.214 евра, молер 2.975 евра, а ковач 3.053 евра месечно. Вештината на заварувачот се плаќа околу 2.819 евра, а на керамичарот околу 3.000 евра. Возачот на виљушкар, на пример, има просечна плата од 2.679 евра, а работникот на пат 3.463 евра. Платите во угостителството се нешто помали, околу 1.800 евра во просек.