Банките се уште не го добиле на писмено она што е договорено со Владата за унгарските пари. Од оние кои ги контактиравме велат дека им е потребен документ за да го процесираат низ службите. Вака ги немаат ниту условите и критериумите за да ги состават договорите.  Побарале од Владата што е можно поскоро да ги добијат за да можат да работат.

Под кои услови и критериуми ќе се делат унгарските пари во стопанството прашуваа и дел од експертите потенцирајќи  дека е многу важно каде ќе завршат овие средства.

Премиерот Мицкоски пак денеска откако повтори за што се ќе можат да се земаат  парите и дека станува збор за историски договор со банките, рече дека сите услови ќе бидат дефинирани до крајот на неделава.

-Ги повикувам компаниите да подготват издржани добри  проекти план добар бизнис план, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Инаку, Владата се договори единствениот трошок за фирмите кои ќе подигнат кредит од унгарските пари, да биде покривањето на кредитниот ризик на банките кои изнесува 1, 95 отсто. И тие средства остануваат кај банкарите. Каматата од 3, 25 проценти која со месеци се споменуваше во јавноста дека ќе треба да ја платат, повеќе не важи за нив, па затоа оваа камата за кредитот кој државата го зема од Унгарија,  а е наменет за фирмите  ќе се враќа од буџетот.

Банкарите кои ги контактиравме велат дека ова практично значи дека фирмите за кој е земен заемот од Унгарија нема да ја покриваат каматата. Банките ќе добијат процентот за да го покријат кредитниот ризик, а со тоа што каматата ќе се враќа од буџетот, значи дека и граѓаните ќе учествуваат во враќањето на  кредитот од Унгарија за стопанството.

Банкарите коментираат и дека многу ќе се внимава каде ќе се пласираат парите, затоа што со ваков фиксен процент на кредитен ризик и поголемите добростоечки фирми и оние помалите на некој начин се сега исти.

Претходно банките и владата договорија рокот за враќање на заемот да биде 15 години и три години грејс периодот. Од заемот од Унгарија 250 милиони евра се наменети за стопанството.