Од ЈП „Национални шуми“ велат дека годинава е планирано зголемување на вкупната дрвна маса.

Иако сè уште е „изгор лето“, голем дел од граѓаните веќе се снабдуваат со огревно дрво. Домаќинската логика е да се нареди навреме дрвото, да се досуши добро и во зима да биде подготвено за греење. Првите огласи за огревно дрво веќе се споделуваат, а цената е слична на минатогодишната околу 4.500 денари за кубен метар.

– Продаваме мешавина од бука и од габер. Цената е 4.500 денари за метар кубен. Превозот е наш, но ако станува збор за некое скопско село, во зависност од нарачката, ако е помала, би наплатиле на пример само 500 денари, колку за бензинот – ни одговори еден приватен понудувач на огревно дрво, кој ни тврдеше дека сечата е легална за што ќе добиеме и документ при купување.

За дрва што се продаваат преку складиштата во кои се испорачуваат дрва од „Национални шуми“, важи ценовникот од јуни во 2022 година. Според овој ценовник, еден кубен метар даб и багрем од склад е 3.564 денари, бука е 3.444, а јавор, јасен и брест е 3.243 денари.

Планирана поголема сеча преку „Национални шуми“

Од ЈП „Национални шуми“ за „Слободен печат“ изјавија дека годинава е планирано зголемување на вкупната дрвна маса.

– Според член 62 од Законот за шуми, сеча во шума се врши само по претходно завршена ознака за сеча со втиснување на јасно видлив шумски жиг. Под ознака за сеча се подразбира одбирање и означување на стеблата за сеча и евидентирање на дрвната маса која е предвидена за сеча за тековната година според посебен План за стопанисување. Во 2023 година ЈП „Национални шуми“ планира да произведе вкупно огревно дрво и отпад собран по сеча 556.808 метри кубни во согласност со Програмата за работа во тековната година – велат од ЈП „Национални шуми“.

Оттаму го објавија повикот за склучување купопродажни договори и тој беше отворен до 15 јануари. Во изминативе години бевме сведоци на поплаките на голем број граѓани, кои иако уплатија за огревно дрво, не го добија на почетокот на сезоната, а кај некои доцнењето беше и по еден месец среде грејна сезона. За претстојната сезона, тврдат од „Национални шуми“, ќе има доволно дрва од складовите на подружниците во состав на јавното претпријатие, од кои може да се направат набавките.

– Продажбата на дрвни сортиманти оваа година како и претходните ќе се врши врз основа на Правилник за продажба на главни шумски производи на ЈП „Национални шуми“, во кој се одредува продажбата и примената на Ценовникот со цени на главните шумски производи за домашниот и за меѓународниот пазар, се припишува начинот на продажбата на дрвни сортименти и склучување купопродажни договори – велат од ЈП „Национални шуми“.

Оттаму појаснија дека според Повикот за интерес на правните субјекти и физички лица (социјално ранливи категории граѓани: социјални случаи, лица со попреченост во развој, деца без родители, самохрани родители и стечајни работници), како и семејства на бранители што може да купат огревно дрво на 8 и повеќе рати. Склучените договори со здруженија на пензионери, со училишта, градинки, имаат приоритет и тие дрва се плаќаат на рати, велат од ЈП „Национални шуми“.

Се зголемува дивата сеча

Од ЈП „Национални шуми“ велат дека „голем дел од населението во државата со огревно дрво се снабдува преку зголемената дива сеча, која е застапена на целата територија на државата во државните шуми со кои стопанисува претпријатието.

– Шумочуварската служба која секој ден е на терен и ги открива дрвокрадците, кои со стари и дотраени возила што немаат никаква вредност ги превезуваат бесправно посечените дрва, е недоволна да ја спречи оваа немила појава. Се користат сите можни начини за да се стигне до огревно дрво, на нелегален начин, а доколку наидат на полиција, возилото се остава, а тие заминуваат – велат од „Национални шуми“.

„Национални шуми“, според јавно објавениот извештај, во 2022 година има исечено 381.6700 кубни метри огревно дрво, што е многу под планот, била планирана сеча од 515.336 кубни метри дрва. Во 2022 година ЈП пресекло и пенушки за огревно дрво во количина од 115.196 кубни метри, од кои 15.946 е од опожарени пенушки. Инаку, во 2022 година, ЈП продало малку повеќе огревно дрво отколку во 2021 година, или во релативен износ тоа е раст на продажба од 1,13 проценти.

 

Постапка за користење приватна шума

На годишно ниво од приватните шуми и меѓи се означува и се реализира околу 230.000 метри кубни дрвна маса, изјавија од ЈП „Национални шуми“ за „Слободен печат“.
Наидовме на огласи за продажба на приватни шуми и се интересиравме зошто нивните сопственици ги продаваат. Одговорот што го добивме од повеќе продавачи е дека има поголема административна процедура и дека тоа е мал бизнис за кој треба да се има слободно време.

– Процедурата за сеча во приватни шуми од страна на граѓаните е следната: Потребно е странката со доказ за сопственост (скица) да поднесе барање за сеча во некоја од нашите подружници. Доколку станува збор за повеќе сопственици, потребно е да има согласност од сите сопственици за да се изврши сечата, во спротивно барањето за сеча се одбива. Доколку се работи за катастарска култура шума, потребно е да има изработено елаборат за парцелата од овластено геодетско друштво. По поднесувањето на документите и извршената уплата, се излегува на самото место за да се изврши ознака на дрвата за сеча. По извршената сеча и мерење на посечената дрвна маса, на странката ѝ се издава испратница за превоз на исечените дрва – ја објаснија постапката од ЈП „Национални шуми“.