Преку голем број инвестиции во инфраструктурата, Владата на Република Северна Македонија продолжува со урбаниот развој на општините. Средствата се обезбедени, потребни се проекти од општините, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска беше во работна посета на општина Демир Капија.

Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, Бочварски заедно со градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, и директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Костадин Ацевски, изврши увид во изградбата на обиколницата во Демир Капија. Инвестицијата е над 20 милиони денари, средства преку ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта.

-Еден дел од овој пат се реконструираше ланската година, а останатиот дел го реализираме сега, за што инвестираме дополнителни 12 милиони денари. Продолжуваме да инвестираме средства во инфраструктурни проекти и покрај кризните времиња во кои се наоѓаме, бидејќи наш фокус е обезбедување континуитет на реализацијата на проектите, одржувањето на работните места, со цел подобрување на животот на граѓаните, изјави Бочварски.

Директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Ацевски, посочи дека во два дела ја реконструирале оваа обиколница околу Демир Капија за што вкупно вложиле околу 20 милиони денари.

-Од нив 8 милиони денари се за тампонски работи, а околу 12 милиони денари за прв и втор слој асфалтирање кое ќе биде завршено во наредните денови со што обиколницата ќе биде комплетно реконструирана, изјави Ацевски.

Министерството информира дека посетата на Демир Капија министерот Бочварски ја искористи и да изврши увид на неколку улици во градот, кои се реконструираа со средства преку Министерството за транспорт и врски.

-Во кратко време преку Проектот за локaлни улици и патишта успеавме да реконструираме делови од неколку улици низ градот и тоа: „11 Октомври“, „8 Март“, „Гоце Делчев“ и „Маршал Тито“, за што вкупно инвестиравме околу 13 милиони денари. Придобивките од овие проекти веќе ги чувствуваат граѓаните преку подобри услови за живот и побезбеден сообраќај, а општината добива нов урбан лик, со подобри услови за нови инвестиции, рече Бочварски.

Градоначалникот на демир капија, Петров, истакна дека поддршката од Владата е од огромно значење за нив како локална самоуправа.

-Заеднички реализираме многу проекти за подобрување на животот на граѓаните и таа одлична соработка ќе продолжи и понатаму, изјави Петров, кој најави реконструкција на уште три локални улици во општината, со поддршка од Министерството за транспорт и врски.