Пензионерите излегоа на протест ширум земјава!

Генералниот протестот се одржа во Жена-парк, во Скопје, а како што кажаа пензионерите, нивните барања не се партиски, туку се  егзистенцијални. Според нив, моменталната висина на пензиите, која е околу двесте евра,  е за крпен живот…

Покачување на минималната пензија согласно со минималната плата и линеарно зголемување на сите пензии побараа на вчерашниот протест македонските пензионери. Генералниот протестот се одржа во Жена-парк во Скопје, а како што кажаа пензионерите, нивните барања не се партиски, туку  се  егзистенцијални. Според нив, моменталната висина на пензиите, која е околу двесте евра, не е доволна за пристоен живот.

Согласно со новата методологија што ја подготви ресорното Министерство за пресметување на пензиите, во март просечната пензија од 17.666 денари се зголемила на 19.150 денари. Тие бараат во септември да има линеарен раст на пензиите по 3.500 денари, а не малите пензии да добијат многу помалку од оние што имаат големи пензии.

И гевгелиските пензионери вчера излегоа на протест за да побараат линеарно зголемување на септемвриските пензии за 3.500 денари.

Со ниски пензии не се живее достоинствено – беше речено на денешниот протест на стотина незадоволни пензионери, кои се собраа пред седиштето на Здружението на пензионери од Гевгелија.

– Ние, пензионерите, излеговме денес да протестираме против негрижата што ја покажува кон нас како Владата на Република Македонија така и Сојузот на здружението на пензионери. Со ниски пензии не се живее, затоа што не можеме да си ги задоволиме нашите основни животни потреби. Сакаме да се оствари онаа правна максима уште од римско време, човек чесно да живее, на друг да не прави штета и секој да го земе она што заслужено му припаѓа. Сакаме поголеми минимални пензии и линеарно зголемување, кое ќе ни овозможи еден спокоен пензионерски живот – истакна најнапред во својата изјава Кирил Кангов, член на Иницијативниот одбор на пензионерите.

– Пензионерите се оние што твореле, работеле, граделе и ѝ давале во текот на целиот свој работен век на оваа наша држава. А, што добивме денес за возврат?! Немаме достоинствени пензии, кои ќе ни бидат доволни за задоволување на основните животни потреби, за храна, лекови и за социјални активности. Затоа, доста е, сакаме нормален живот! – изјави пензионерката Слободанка Амповска.

– Најавеното 6 проценти покачување, кое треба да го добиеме со септемвриските пензии, е срамно во однос на 78. проценти за колку што си ги зголемија тие своите плати во ова кризно време. Имаме пензионери што земаат 12, 13, 14.000 денари, а ист леб купуваме и ние и тие, исти лекови ни требаат и нам и ним, затоа бараме од одговорните линеарно покачување од 3.500 денари и зголемување на минималните пензии. Имаме висока инфлација и високи цени на прехранбените производи, кои се неопходни за еден нормален живот, а растот на пензиите од 2019 година наваму е минимален – рече пензионерката Стојна Стојанова.

Инаку, на денешниот протест, иако беше најавено и нивното присуство,  раководните органи на гевгелиското пензионерско здружение не се појавија да дадат поддршка на денешниот протест, а вратата на седиштето на Здружението на пензионерите беше затворена цело време додека траеше мирниот протест.