За половина година се реализирани само 20 отсто од капиталните инвестиции предвидени за целата година, односно инвестирани се само 86 милиони евра од предвидените 422 милиони евра, информираат од Министерството за финансии.
Владата постојано најавува дека ова е економска година, но првото полугодие, по она од лани кога биле реализирани само 16,65 отсто од капиталните инвестиции, е најлошо според реализацијата во изминатата деценија.
Сепак, инвестициите во јуни бележат драстично подобрување во однос на претходните месеци. На пример, во јуни биле потрошени скоро 28 милиони евра, што е повеќе отколку во првите три месеци од годинава.