Во соопштението кое го објави банката преку Македонската берза се известуваат акционерите на Комерцијална банка АД Скопје дека во објавениот Повик заедно со материјалите за Собрание на Банката кое ќе се одржи на 04.04.2018 година, во точката под број 11 – Предлог-одлука за измена на Статутот на Комерцијална банка АД Скопје, направени се корекции на барање на Народната банка на Република Македонија.
Корегираната точка, која им е достапна на акционерите на интернет-страницата на Банката www.kb.com.mk, на интернет страницата на Македонската берза и секој работен ден во седиштето на Банката на ул.Орце Николов бр.3, во Дирекцијата за управување и информирање, соба бр.307 (III кат, зграда КБ1) се однесува на измени на статутот на банката.
„Измената на Статутот на Банката во Предлог–одлуката има за цел да се усогласи Статутот на Банката со Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка (Сл. весник на РМ бр.24 од 06.02.2018 година) донесена од НБРМ, во поглед на можноста Надзорниот одбор од редот на своите членови да формира одбори кои ќе му помагаат при спроведување на дел од неговите надлежности поврзани со воспоставување и спроведување на Политиката за начинот на избор, следење на работењето и разрешување на членовите на Надзорниот одбор, Одборот за управување со ризиците, Одборот за ревизија и Управниот одбор и Политиката за наградување.
Предвидени се и усогласувања на Статутот со измените на систематизацијата на Банката со кои Самостојната дирекција за управување со проблематични кредити е формирана како самостојна организациона единица, а претходно овој дел од работењето функционираше во рамки на Секторот за правни работи. Имено, како член на Одборот за управување со ризици и на Кредитниот одбор на Банката се додава и раководното лице на Дирекцијата за управување со проблематични кредити.
Согласно со наведеното се јави потреба за измена на Статутот, поради што се предлага Собранието на Банката да ја донесе Одлуката за измена на Статутот на Комерцијална банка АД Скопје“, велат од банката