Точно 3 милијарди и 127 милиони евра изнесуваат на крајот на септември девизните резерви кои ги има Македoнија, а кои ги чува и ги оплодува Народната банка. Според податоците од централната банка рекордот и бариерата никогаш не достасана досега е надмината прв пат во август. На крај на осмиот месец како девизни резерви државата имала три милијарди и 31 милион евра. Сепак на крајот на септември сумата е „зајакната“, па тогаш резервите изнесуваат 3,127 милијарди евра.
Што ги набилда резервите? Ако се анализира по ставки, раст има во сите, ама најголем е во ставката валути и депозити. Зголемена е и вредноста во делот на хартии од вредност.
Македонија чува во резервите и монетарно злато чија вредност варира од цената на металот, иако количината не се менува со исклучок од пред три години кога НБРМ одлучи да претопи ковани пари од стари едиции и од запленето злато и накит по различни основи. Тогаш, или во 2016 година Народната банка се стекна со нови шест прачки со пзарана вредност од 2,6 милиони евра.
Ако се прави споредба со истиот период лани, девизните резерви во септември 2018 година изнесуваат 2 милијарди и 709 милиони евра, а во 2017 година се 2 милијарди и 207 милиони евра. До 2011 година пак, резервите не надминуваа две миlијарди евра.
Девизните резерви се деноминирани во странска валута и нив Народната банка ги користи за директно финансирање на платните нерамнотежи или за индиректно регулирање на големинатa на овие нерамнотежи преку интервенции на домашниот девизен пазар за да обезбеди стабилност на девизниот курс на денарот.
Имаше идеи во минатото тие да се намалуваат, сепак засега се во таа таканаречена сигурна зона покривајќи повеќемесечен увоз на земјата.