Глобалното затоплување може да предизвика ненадејни промени во вредноста на средствата, предупредиja Федералните резерви на САД, наведувајќи ги климатските промени меѓу ризиците по финансиската стабилност за прв пат.
„Инвеститорите може одеднаш да ја променат својата перцепција за вредноста на реалните и финансиските средства како резултат на ризици како што се невреме, поплави и пожари“, објасни портпаролот на ФЕД, Лаел Браинард во додаток на полугодишниот извештај на централната банка објавен во понеделникот.
„Долгорочни ризици, како што е бавниот пораст на просечната температура и нивото на морето и постепената промена на очекувањата на инвеститорите во врска со овие закани, отвораат можност за неповратни промени и значителни флуктуации во очекувањата“, додаде Браинард.
Ненадејните промени во цените на недвижностите поврзани со природните катастрофи поврзани со климата ќе имаат последици на финансиските пазари, кои ќе биде тешко да се предвидат, пред се затоа што вистинската изложеност на климатски ризици не е доволно позната или недоволно документирана, предупредува ФЕД.
„Затоа е од клучно значење да се подобри транспарентноста преку подобар систем за мерење и стандардизирано известување“, додава Браинард.
„Клучно е да се преселиме од фазата на потврда дека климатските промени претставуваат значителен ризик за финансиската стабилност во фаза во која соодветно ќе ги процениме квантитативните импликации од овие ризици и ќе понудиме решенија“, рече Браинард.
Извештајот на ФЕД дојде неколку дена откако демократскиот кандидат Џо Бајден го победи актуелниот претседател, републиканецот Доналд Трамп.
Трамп упорно ги потценува ризиците од климатските промени, додека Бајден вети дека борбата против климатските промени ќе ја направи еден од приоритетите на американската политика, потсетува Ројтерс.
Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк