Економските проблеми на Германија и сè повисоките трошоци за производство го натераа производителот на автомобили да планира затворање на три свои фабрики во матична Германија, со што на улица ќе останат стотици илјади вработени.
„Менаџментот е апсолутно сериозен околу ова. Ова не се некои закани за време на преговорите за колективен договор.
Ова е планот на најголемата индустриска група на Германија, да почне со распродавање во својата татковина Германија,“ изјавила претставничката на работниците во Фолксваген, Даниела Каваљо.
Процените на Каваљо се дека Фолксваген би можел да отпушти околу 300.000 вработени, а таа тврди и дека сите германски фабрики на Фолксваген се во опасност и дека ниту една не е поштедена.
Освен отпуштањето, менаџментот на Фолксваген барал и 10% кратење на платите и никакво покачување во следните две години.
Од Фолксваген одбиле да „учествуваат во шпекулации околу доверливи разговори“, но порачуваат дека „Фолксваген е пред одлучна точка во корпоративната историја.“
„Ситуацијата е сериозна, а одговорноста на преговарачките партнери е огромна.
Без сеопфатни мерки за враќање на нашата конкурентност, нема да можеме да си дозволиме клучни идни инвестиции.
Меѓу причините за неопходното преструктуирање е фактот што европскиот пазар за автомобили од 2020 е намален за два милиони возила. Стагнира и нема да закрепне во блиска иднина. Фолксваген има удел од околу 25% од овој пазар. Тоа значи дека компанијата е пократка за околу 500.000 возила, “ изјавиле од кадрово на Фолксваген.
Компанијата има вкупно 10 фабрики во Германија, од кои шест се во Долна Саксонија, три се во Саксонија и една е во Хесен.
Фолксваген никогаш во историјата нема затворено фабрика во Германија, а низ светот нема затворено фабрика повеќе од три децении.