Просечниот кредит по компанија е околу 8,5 илјади евра, а апликантите главно бараат кредити до 5 илјади евра.
Вториот пакет бескаматни кредити ковид-2, наменет за компании погодени од актуелната криза, Развојната банка ќе го објави денеска, а апликациите ќе се поднесуваат од вторник.
Во меѓувреме, се уште се примаат барања за средства од првиот пакет бескаматни кредити ковид-1, кој е наменет само за фирмите од дејностите кои први беа погодени од кризата, односно за оние кои се бават со транспорт, угостителство и туризам. Досега за овие средства аплицирале над 1.300 компании кои побарале околу девет милиони евра.
Просечниот кредит по компанија е околу 8,5 илјади евра, а апликантите главно бараат кредити до 5 илјади евра.
-Мислам дека ќе можеме вкупно да поддржиме над 600 компании, односно вкупно шест до седум илјади вработени. Еден дел од кредитните компликации се од дејности надвор од линијата, бидејќи во моментов приоритет се угостителство, туризам и транспорт и најголемиот дел од одбиените се тие кои не ги исполнуваат условите, изјави директорот на Развојната банка Кире Наумов во телевизиско гостување.
Тој појаснува дека освен апликантите кои не се од трите дејности, се одбиваат и оние кои биле презадолжени и пред пандемијата со корона-вирусот, бидејќи, како што вели, не е фер тие да ги земат средствата на фирмите кои до пред корона пандемијата функционирале нормално.
Инаку, процедурата е таква што апликациите од компаниите прво ги разгледува кредитниот одбор на Развојната банка, а последниот збор го има Владата, која ги одобрува на седница. Процедурата трае уште неколку дена во кои се врши запис на нотар преку меница, која е гаранција за кредитот, а потоа средствата веднаш се исплаќаат.
Овие кредити фирмите погодени од актуелната криза можат да ги користат за да исплатат плати на вработените, да платата кирии и слично за да можат да продолжат со дејноста.
Се работи за кредити за ликвидност кои се краткорочни, се враќаат две години, а имаат и грејс-период од шест месеци. Каматната стапка за нив е нула проценти.
За разлика од овој прв ковид-пакет, вториот што треба да се објави денеска е пообемен и е наменет за фирми од разни дејности, а не само за оние од угостителството, туризмот и транспортот. Ќе се отплаќа три години и ќе има грејс-период од 12 месеци. За добивање на тие средства има само еден услов – компанијата која ќе аплицира да има намален приход за 30 отсто споредено со истиот месец лани, или споредено со вкупниот месечен приход од 2019 година.
Една компанија ќе може да аплицира за најмалку 3.000 евра, а најмногу 90.000 евра. Висината на средствата што ќе ѝ се доделат ќе зависи од бројот на вработени.