Едни гледаат воено профитерство, други бонбона-бизнис, трети гледаат во сонцето, а четврти штедат и преплаќаат. Вака некако во кратки црти може да се срочи новата бизнис атракција во Македонија – струја од сонцето.

Како и да се заврти, сончогледот гледа во сонцето, исто како и македонските бизнис-политичари. Кога стана премиер, струмичкиот “бог од Сонцето” Зоран Заев се обиде да го извлече максимумот од марихуаната, на која македонското сонце одлично ѝ одговара. Со легализација на медицинскиот канабис владата во заминување на Никола Груевски им ги отвори видиците и апетитите (главно) на струмичките бизнисмени, па наместо од чушки, имиџот на богови на земјата продолжија да го градат богатејќи се од канабис. Четири години подоцна, на полињата со марихуана никнуваат сончеви панели. Македонското сонце несомнено ѝ овозможува одлични услови на Македонија да се вброи меѓу земјите поволни за одгледување “зелени бизниси”.

Во екот на енергетската криза, во време кога струјата е и од злато поскапа, а народот осиромашува штедејќи, можност за профит видоа македонските бизнис-политичари и нивните сопруги, синови, ќерки, браќа, татковци, кумови и кумашини… некои од нив сонцето го завртија на друга воденица, па семејните бизниси од полиња со марихуана ги трансформираа во панелни полиња.

Заеви: Вице Заев, Душко Заев и Панче Заев

За Заеви нема криза и тогаш кога е светска криза. Неприкосновените одгледувачи на канабис веќе се престроија и џебовите ги полнат од сончева енергија. Некои деца  навистина се родени под среќна ѕвезда. Најмалиот од Заеви, за 18-годишниот роденден од родителите доби фабрика.  Со влезот во светот на возрасните малиот Душко стана бизнисмен.

Тотал Енерџифирмата чиј сопственик е 18-годишниот син на Зоран, Душко Заев, ќе продава струја произведена од фотонапонски панели.