Препораката на Светска банка е на среден рок земјава да ги врати јавните финансии на одржлива патека и да го насочи својот фокус на решавање на структурните предизвици како што се опаѓачкиот човечки капитал, продуктивноста, миграцијата, слабите регулаторни рамки, лошата конкурентска политика, независноста на судството

Светската банка во најновата пролетна прогноза за годинава предвидува забавување на растот на македонската економија на 2,7 проценти. Причина за тоа се последиците од руско-украинскиот конфликт и санкциите воведени кон Русија, а предвидувањата се оти инфлаторските притисоци, особено храната и цените на енергенсите ќе ги зголемат трошоците на живот кои најмногу ќе ги погодат ранливите категории на граѓани.

Според проекциите на Светска банка, фискалниот дефицит ќе остане зголемен со проектиран раст на јавниот долг над 62 проценти од БДП.

Доколку војната во Украина продолжи, Светската банка прогнозира намалување на надворешната побарувачка, зголемување на цените на стоките и енергијата и доцнење на инвестициите. Ова сценарио, како што се наведува во извештајот, би резултирало со уште понизок раст и пораст на барањата за фискална поддршка.

„Засилената политичка неизвесност и одложениот пристап кон Европската Унија, може да доведат до послаби реформски напори за зајакнување на потенцијалот на раст и консолидирање на јавните финансии“, се наведува во извештајот.
Препораката на Светска банка е на среден рок земјата да ги врати јавните финансии на одржлива патека и да го насочи својот фокус на решавање на структурните предизвици како што се опаѓачкиот човечки капитал, продуктивноста, миграцијата, слабите регулаторни рамки, лошата конкурентска политика, независноста на судството.

За 2023 и за 2024 година, Светската банка очекува македонската економија да забележи раст од 3,1 односно 3,2 отсто.