Националното собрание на Бугарија, минатата пролет неочекувано изгласа целосна забрана за рекламирање на коцкарски игри во електронските медиуми – на телевизија, радио, онлајн медиуми. Одулката беше на иницијатива на ДПС, а од телевизискиот екран навистина исчезнаа клиповите со покани за љубителите на игри на среќа, пишува „Сегабг.њус“.
Но тие сега се ројат по сајтовите на интернет и тоа им се случува „под нос“ на неактивните контролни тела. Поп-ап прозорци на Инбет, Винбет, Бетуб, бет365, Бвин, тркала на среќата, „парчиња од питата“ и други примамливи понуди за љубителите на обложувањето ги красат вестите во електронските весници. Некои од огласите се отворени покани за обложување со ветувања за добивки, други се прикриени, дискретни. Тие никнуваат како печурки по дождот, а понекогаш дури и две се појавуваат на една веб-страница.
Исто така, се појавуваат и покрај вестите, илустрирани со лицата на претседатели, министри, познати политичари, актери, заедно со други реклами и вести за болести, лекови, катастрофи и светски настани. Колку подолго трае забраната, толку похрабри и поискрени стануваат рекламите за коцкање на интернет.
Од надлежните институции велат дека се работи на извештаи, но проверките не се завршени. Објаснуваат и дека не можат да вршат контрола, бидејќи со измените на Законот за коцкање се забрануваат реклами за коцкање во медиумскиот простор. Истото го тврдат и од даночната Агенција.
Останува надежта дека новата година ќе донесе нова среќа. И нов ум на законодавците.