Според познавачите, ова е добро решение за да нема проблеми кој ќе ја наследи пензијата, кога станува збор за паралелни врски – брачни и вонбрачни, но од друга страна, веќе и кај нас, на големо „се увезува“ модата од светот да не се склучува граѓански брак, односно да се практикува вонбрачна заедница, која, пак, не носи заштита за староста
Според нашето законодавство, иако вонбрачната заедница во многу случаи е изедначена со брачната, ако едниот партнер почине, другиот не може да му ја наследи пензијата. Но, право на пензија имаат и децата родени надвор од брак, во истите случаи како и деца родени во брак – доколку се школуваат, до 26 години може да земаат пензија, а трајна пензија следува и ако детето остане трајно неспособно за работа.
Во некои земји, па и во Србија, право на пензија имаат и вонбрачните партнери, под одредени услови. Деновиве Белград „го тресе“ случајот во кој сопругата побарала пензија од починатиот сопруг, но и било кажано дека пензијата веќе ја користи вонбрачнатa партнерка.
Во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија се децидни дека до таква „забуна“ не може да дојде кај нас.
– Според член 57 од Законот за ПИО, со право семејна пензија се стекнува само брачен другар, односно брачната и вонбрачната заедница не се изедначени и на вонбрачен партнер не му следува право на семејна пензија – изјавија од „Слободен печат“ од Фондот за ПИОМ.
Според познавачите, ова е добро решение токму за да нема проблеми кој ќе ја наследи пензијата, кога станува збор за паралелни врски – брачни и вонбрачни, но од друга страна, веќе и кај нас на големо „се увезува“ модата од светот да не се склучува граѓански брак, односно да се практикува вонбрачна заедница, која, пак, не носи заштита за староста доколку едниот партнер во таа заедница не работи и не си плаќа пензиски придонес, или пак можност во случај на смрт на едниот партнер да се користи пензијата што е повисока.
Во Велика Британија притисокот почна уште од крајот на минатиот век кога Лабуристичката партија најави приспособување кон модерниот живот, а подоцна во таа насока се спроведе реформа. Во Швајцарија пензиските шеми нудат разни можности за меѓусебна заштита на вонбрачните партнерите за пензиските денови. Во многу европските земји се нудат различни пензиски шеми каде што вообичаено треба номинирање на вонбрачниот другар…
Кај нас сè почесто може да се слушнат коментарите дека и вонбрачниот партнер ги има правата и како брачниот, но тоа е за имотот, не и за пензијата.
Според Законот за семејство, вонбрачната заедница што траела најмалку една година е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на таа заедница.
Правниците објаснуваат дека ова значи дека правото на заедничка сопственост над имот стекнат за времетраење на заедницата го имаат како брачните така и вонбрачните другари, без разлика чие име е впишано во имотните документи. Фактот што една заедница не е формално регистрирана како брак, не му дава за право на ниту еден од партнерите да го присвои целиот имот стекнат додека траела таа заедница.
Во Законот за сопственост и други стварни права каде што во член 81 пишува: Имотот што вонбрачните другари ќе го стекнат во вонбрачна заедница се смета за нивен заеднички имот. Во поглед на управувањето и располагањето, утврдувањето на деловите на имотот стекнат во вонбрачната заедница и при делбата на имотот во вонбрачната заедница соодветно се применуваат одредбите на овој закон за заедничкиот имот на брачните другари.