Со заем за финансирање на буџетските потреби од 125 милиони евра ќе се задолжи Македонија кај Светска банка. Законот за задолжување е во собраниска процедура а одборот на извршни директори на Светска банка се очекува да го одобри на 19 септември. Овој заем е дел од новата рамка за партнерство на државата со Банката со што на Македонија и се ставени на располагање 420 милиони долари во текот на следните четири и пол години.
Рокот на отплата на заемот е 12 години, во вклучен грејс-период од 4 години. Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон, а на денот на повлекувањето на средствата, државата ќе и плати на Светска банка еднократна провизија во износ од 0,25 проценти од износот на заемот. Со договорот е утврдено Македонија да плаќа провизија во исто толкав процент од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво.