Власта е задоволна како оди реализацијата на капиталните инвестиции
Иако во првите 6 месеци годинава е само 20%. Заев очекува сите министерства да ги реализираат предвидените проекти, но парите кои ќе им останат неискористени, најави дека со ребалансот ќе се пренаменат за гасификацијата.
Премиерот Зоран Заев најави и инвестициски циклус од дополнителни 5 милијарди евра, пари кои ќе бидат вложени во изградба на патишта, железница, гасификацијата.
Премиерот е оптимист дека минималната плата може да изнесува и повеќе од 13 илјади денари, но зголемувањето ќе почека до крајот на август или пак септември бидејќи, во моментов се прават анализи какви мерки да се преземат за да се мотивираат работодавачите да не даваат плата во плико.
Заев и Бектеши се пофалија со економските достигнувања годинава, презентирајќи ја ревизијата на Светската трговска организација, според која, за разлика од 2012 земјава забележала напредок во повеќе сектори.
Нотираат дека БДП пораснал за 40%, се намалила невработеноста, платите пораснале, а се зголемиле и странските инвестиции.
Според власта, извештајот покажува дека на земјава и оди добро на економски план, и дека оваа година ќе биде во знакот на економијата.