Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека не очекува да има зголемување на даноците во земјата поради пандемијата, наспроти очекувањата на опозицијата, и најави дека на крајот од годината ќе започне со реализација на едно ветување од владината програма за овој мандат.
Во последниот квартал од 2021 најавувам намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од 10 на 5 отсто, рече Заев, кој додаде дека потоа истиот во оваа дејност ќе се намали на 3 и на крај на 0 проценти со цел да се стимулира мотивацијата на овој кадар.
За подготовката на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот, тој рече дека неговата фамилија поседува само една од 61 лиценца за одгледување.
Една лиценца е на мојот прв братучед, сите останати 60 се на домашни и странски инвеститори. Мојот братучед веќе ме праша дали да ја затвори компанијата, но платите таму се од 700 до 1.500 евра во оваа дејност, изјави Заев.
Тој рече дека Македонија за одгледување цвет од канабис за медицински цели има попримамлива почва и клима дури и од Португалија и дека се бара решение за негов извор што би овозможило флексибилност и примамливост за уште повеќе инвестиции.