Загубата на „Газпром“ се продлабочува во 2024-та година и веќе надминува 1 трилион рубљи (13,2 милијарди долари), пренесува ТАСС, повикувајќи се на изјави од компанијата.

Во 2023-та година гасниот гигант забележа загуба за прв пат по речиси 25 години, што беше приближно 7 милијарди долари.

Минатата година „Газпром“ забележа загуба од својата основна дејност. Компанијата никогаш не можеше да најде алтернативи на европскиот пазар. Во моментов продава ограничени количини во Европа во споредба со предвоените години – главно во Унгарија, Словачка и Турција. Испораките во Кина, иако се наведуваат како рекордни од компанијата, не надминуваат 30 милијарди кубни метри.

Поради кризата, „Газпром“ веќе разговара за намалување на персоналот и за продажба на средства, вклучувајќи ги и луксузните хотели и една од канцелариите во Санкт Петербург, каде што е седиштето на „Газпром експорт“.

Компанијата исто така прецизираше дека вкупните приходи се зголемени за 11,3% до 6,3 трилиони рубљи. Во третиот квартал дојде до нагло влошување на финансиските резултати и компанијата пријави загуби од 767 милијарди рубли, што е најлош квартален резултат од почетокот на векот.

На почетокот на годината администрацијата на Белата куќа во заминување воведе санкции против „Газпром нефт“ и „Газпромбанк“, а актуелниот претседател Доналд Трамп ги потврди, што исто така ќе има негативен ефект врз холдингот. Според проценките, прекинот на транзитот преку Украина ќе предизвика штета и на компанијата, иако дел од залихите ги превезувала преку Турски тек.

Во ноември 2024-та „Газпром“ објави дека својата инвестициска програма во 2025-та ќе вреди 1,5 трилиони рубљи, потсетува „Ведомости“. Главните проекти на кои компанијата ќе се фокусира се зголемување на производството во Јамал, гасификација на руските региони и проширување на гасоводот „Моќта на Сибир“ за зголемување на испораките за Кина.

Проектот предвидува трансфер до 48 милијарди кубни метри годишно на овој гасовод.