Измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и забавните игри денеска добија поддршка од членовите на собраниската Комисија за европски прашања. За опозициските пратеници со ставањето на овој предлог-закон на дневен ред на оваа Комисија се злоупотребува европското знаменце и оти нема никаква поврзаност со регулативата на Европската Унија. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека во услови на огромна инфлација и сиромаштија, Владата во државата отвора три нови коцкарници за онлајн коцкање. Истакнаа дека наместо инвестиции, граѓаните добиваат коцкање. Посочија дека парите од коцкањето завршуваат во бизниси блиски на ДУИ, а во Собрание, како што рекоа, се претставуваат дека треба да се менува Законот со европско знаменце со единствена цел затоа што овој бизнис метастазира и се појавува онлајн коцкање.
„Ако ја погледнете и Директивата на која што се повикувате Директивата 2014/478 или препораките во самиот член 5 пишува дека во отсуство на усогласување на ниво на Унија, земјите-членки во принцип се слободни да ги постават целите на нивната политика на игрите на среќа и да го дефинираат нивото на заштита. Самата препорака во членот 5 ви кажува дека нема усогласување во Европската Унија. И додека од ДУИ ви го рекламираат предлогот со 500 метри оддалеченост од секое училиште, ве потсетувам дека со трите нови компании коцкањето ќе стане достапно на секој паметен телефон и секој уред кој е поврзан со интернет. А кога зборуваме за оние 500 метри кои што помпезно ги најавувате како оддалечување на објектите за организирање на игрите на среќа во членот 10 „деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа на обложувалници, електронски игри на среќа, се отвораат на оддалеченост од 500 метри од основните и средните училишта“. Навидум изгледа дека навистина е така, меѓутоа ставот 3 од истиот член – оддалеченоста на ставот 2 од истиот член претставува најкраткиот безбеден пат од основните и средните училишта до влезот на просторијата во која се уредуваат игрите на среќа кој се утврдува со геодетски елаборати за посебни намени изготвен од страна на поединец трговец, трговско друштво за геодетски работи. Што значи ова? Ова значи дека веднаш спроти училиштето можете да имате огромно казино или кладилница ако помеѓу таа кладилница и училиштето ви поминува булевар“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска на почетокот на седницата во процедурална забелешка истакна дека не се остава доволно време за пратениците клавитетно и темелно да и се посветуваат на темата за Онкологија.
„Не оставате парламентот доволно да се посвети исклучиво квалитетно и темелно на темата Онкологија, бидејќи ако можеше Анкетната комисија овие денови кога заседава Комисијата за финансирање и буџет во однос на ревизорскиот извештај во Клиниката за онкологија, вие да свикате седница на Комисијата за европски прашања со која, покажувате што е интерес за власта во овие тешки моменти за државата. Еве како вие успевате да правите еден дефокус, на една страна правите дефокус од темата за Онкологија, а од друга страна си ги водите само вашите лични интереси и бизниси, а тоа е бизнисот со конечното озаконување на една нова видео-лотарија паралелна во државата“, рече Стојановска.
На Стојановска ѝ реплицираше претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми, кој рече дека ако се за доследно почитување на Деловникот, тогаш требаше да побараат две години од Комисијата за финансирање и буџет за ставање на дневен ред на оваа точка.
Со Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри кој е предложен од Владата, се предлага ограничување на просториите во кои се приредуваат електронските игри на среќа, односно да може да се приредуваат само во простории на посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии.
Како што стои во Предлог-законот објавен на собраниската веб-страна, со цел да се намали неограниченото отворање на уплатно исплатните места кај обложувалниците односно на деловните простории кај автомат клубовите, а со тоа и да се оневозможи лесниот пристап на населението до игрите на среќа, се предлага воведување на ограничување на бројот на уплатно исплатни места на обложувалниците со издадената лиценца, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат клубовите што се отвораат со една издадена лиценца и воведување на надоместок за секое ново уплатно-исплатно место за обложувалница и за секоја нова деловна просторија за автомт клуб.
„Основни решенија на предложениот Закон се: соработниците на друштвото кое поднело барање за лиценца или кои сакаат да влезат во постојно друштво кое има лиценца за игри на среќа мора да поседуваат репутација; деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во обложувалница и автомат клуб, томболата од затворен тип и електронските игри на среќа треба да се наоѓаат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта; начинот на мерење на оддалеченоста ќе се утврди со правилник пропишан од министерот за финансии; се воведува надзорен информациски систем за приредувачите на електронските и интернет игри на среќа; се зголемува месечниот надоместок за лотариските и електронските игри на среќа; електронските игри на среќа ќе можат да се приредуваат во простории каде што се приредуваат посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии; се воведува нов начин на пресметка и плаќање на посебната давачка кај приредувачите на посебните на среќа (казина, обложувалници и автомат клубови); се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за обложувалница од 105.000 евра на 200.000 евра, се ограничува бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца. За секое следно уплатно-исплатно место над 25- тото, приредувачот плаќа надоместок во износ од 10.000 евра; се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за автомат клуб од 78.750 евра на 100.000 евра. Лиценцата за приредување на игри на среќа во автомат клуб се однесува за три деловни простории и се воведува надоместок во износ од 30.000 евра; се зајакнува регулативата во делот на интернет игрите на среќа со имплементирање на препорака та на препораката на Комисијата за принципите за заштита на потрошувачите и играчите на онлајн услугите за коцкање и за спречување на малолетници од коцкање преку интернет“, стои во Предлог-законот.