Цените на криптовалутите „скокнаа“ денеска по големата продажба вчера, кога од пазарот беа „избришани“ околу 150 милијарди долари, што беше последица на конфликтот меѓу Русија и Украина.

Според Coindesc, со Bitcoin моментално се тргува по цена која е за околу 9,43 отсто повисока, или околу 38.695 долари.

„Најголемата криптовалута во светот се искачи над 39.000 долари во последните 24 часа. „Биткоинот падна на само 34.338 долари во четвртокот“, објави CNBC.

Другите дигитални монети, вклучувајќи ги Ether и XRP, забележаа двоцифрен процентуален пораст.

Продажбата во четвртокот беше предизвикана од рускиот напад врз Украина. Промената на цената на биткоинот во последно време е тесно поврзана со други ризични средства како што се акциите.

Зачудувачки пресврт на американските берзи во четвртокот, исто така, доведе до позитивен развој на пазарот на криптовалути.

Виџеј Ајар, потпретседател за корпоративен развој и меѓународен развој на берзата за криптовалути Луно, вели дека „опуштањето на пазарите и затворањето на позициите“ сега настапува, според CNBC.