Компаниите кои се занимаваат со одгледување медицински канабис за производство на масло за медицински цели веќе две години не можат да продадат ниту на домашниот ниту на странскиот пазар, велат од новоформираното здружение „Макканабис“. Дел од производителите велат дека магацините им се полни со цвет и медицинско масло бидејќи освен македонски лиценци немаат европски сертификати за одгледување и производство на медицински канабис.
Од здружението укажуваат дека итно треба да се донесат измени на постојниот закон во кој како што истакнуваат одредбите се многу општи и непрецизни што може да доведе и до злоупотреби. Дополнително бараат да се ревидира банкарската гаранција од 100 милиони евра и да се подобрат критериумите за вработување кадри кои во моментов се дефицитарни.
Компаниите немаат пристап на европските пазари поради законската пречка. Голем број од нив работат на исполнување на строгите киритериуми што ги бара ЕУ и плаќаат и по 30 000 евра за овластена комисија од странство да направи увид. Очекуваат дури од наредната година македонското масло од канабис да заврши и во други земји. Дотогаш треба да поминат и измените на законот за опојни дроги со кои ќе можат да извезуваат и цвет.
Досега 23 компании во земјата имаат лиценци за производтсво на медицински канабис. Пред еден месец формирале и здружение за полесно да дејствуваат и да бидат вклучени во подзаконските акти.