Електричарите можат да заработат и до 600 евра, додека, на пример, платата на фризер е нешто помалку или до кај 550 евра. Занаети кои се платени во денешно време се сите оние кои се занимаваат со индустријата „бјути“, но и заварувачи, електричари и автоелектричари. Со други зборови, сите оние на кои им е потребно да ги засукаат ракавите. Сепак за овие работни места потребно е соодветно образование, но, пред се, пракса.
„Сметам дека веќе не може да се направи ниту еден занает бидејќи 21 век се развива многу брзо, работите се менуваат многу брзо, ние напредуваме, ниту занаетот не може да се направи без добро и квалитетно образование. На пример, за цената за едно образование што би ја платиле во моето училиште, за нова онлајн програма треба да одвоите 1.290 евра, а ако сте добри во работата, тие пари можете да ги заработите за 10 дена“, раскажува Данијела Вукојевиќ, дипломиран козметиколог за ТВ Прва.
Дека занаетчиите се „на цена“, ќе се увери секој што ќе се обиде итно да ги добие нивните услуги за кои инаку ем се чека ем се скапи. Заработката од занаетчиството расте, бидејќи се појавуваат разни иновативни услуги, на пример, во индустријата за убавина. Оваа индустрија има развиено голем број третмани за нега на коса, кожа и лице, кои се наплаќаат доста, што е одличен приход и за работниците во салонот и за сопствениците. Но, факт е дека недостигаат работници во сите занаетчиски области.
„Дефицитот и згаснувањето на работата козметичар како занает всушност и додаде вредност, овие професии станаа феноменално платени, на исто ниво со работните места на ИТ експерти и на исто ниво со врвните хирурзи“, вели Вукојевиќ.
Уште од мали нозе нè учат дека високото образование и диплома се од големо значење, но во денешно време занаетите се враќаат на голема врата и се добро платени. Имајте на ум дека дека едно шишање и фенирање во подобрите салони кај нас чини околу 1000 денари, а исто толку и еден обичен маникир, па размислете дали не се исплати да имате занает во ракав.