Ако не сте премногу надарени за учење, завршување факултети или магистрирање, тогаш вие сте вистинскиот човек кој треба да ги чуе петте најдобро платени професии во Македонија за кои ви е потребно само средно образование, а кои постојано се дефицитарни со работници.

Платата изнесува од 700 до 1.200 евра, а во огласниците има стотици компании кои бараат баш такви работници кои, ете, поради некоја причина, сѐ уште не се заминати на печалба во Германија.

Почнуваме со најплатените 5 професии во земјава:

Заварувач

Една од професиите која дури и на почетниците им гарантира заработувачка од околу 40.000 денари, додека платата на искусните заварувачи достигнува и над 2.000 евра.

Некои македонски фирми дури нудат и сезонска работа во оваа област, од три до шест месеци, а заработувачката е прилично висока.

Проблемот е во тоа што оваа професија не е популарна кај младите, а работодавачите, пак, најчесто бараат млади работници во кои ќе вложат труд и ќе ги научат на занаетот.

Автомеханичар

Автомеханиката сѐ уште е атрактивна професија кај младите, особено поради тоа што гарантира плата над просекот.

Во споредба со заварувачите, автомеханичарите заработуваат за нијанса помалку, но сѐ зависи од подготвеноста, стручноста и сервисот во којшто сакаат да се вработат.

Еден автомеханичар во земјава заработува од 35.000 денари, а има и такви мајстори кои заработуваат и до 100.000 денари.

Пекар

Недостигот на квалитетни и млади работници особено се чувствува во пекарската индустрија, иако почетната плата на пекарите изнесува околу 40.000 денари.

Впрочем, една почетна пекарска плата вреди колку две минимални плати, а мајсторите-пекари, пак, можат да се пофалат и со плата до 90.000 денари.

Проблемот на пекарите е во тоа што работат и функционираат обратно од светот – дење спијат, ноќе работат.

Професионален возач

Добра плата може да се заработи и со волан. На пример, возачите на меѓуградски автобуси заработуваат од 40.000 до 50.000 денари, а возачите на камиони заработуваат и до 120.000 денари месечно.

Земјава кубури со професионални возачи на автобуси и на камиони, а младите сѐ поретко одлучуваат да вложат во полагање возачки испит, бидејќи полагањето не е воопшто евтино.

Од друга страна, тие што имаат веќе положено за Д и за Е категорија, тие веќе се заминати во развиените земји и животот го минуваат во кабина, ама за многу пари.

Мајстори-занаетчии

Секој оној кој во претходните месеци морал да ангажира водоинсталатер, електричар, столар или молер, веројатно се уверил колку се поскапени ваквите услуги, но и колку е тешко да се пронајде слободен и добар мајстор.

Плочкарите, ѕидарите, молерите, столарите, електричарите и водоинсталатерите се одлични професии особено за младите луѓе кои сакаат да научат занает, а уште веднаш да почнат да заработуваат убави пари.