Без разлика дали сте љубители на намалување на јаглеродниот отпечаток или едноставно уживате во прекрасни пејзажи, нема поголемо задоволство од патувањето низ Европа со воз. Сега, возот во „метро стил“ што ја менува играта може да го револуционизира европското патување, поврзувајќи голем дел од Европа, вклучувајќи ги ОК, Турција со Истанбул, Украина и Западен Балкан, со 39 застанувања, барем еднаш во секоја земја по пет главни рути.

Наречен „Метро за Европа“, предлог-проектот за железница Starline предвидува дека замената на летовите на кратки релации со железничка мрежа со голема брзина може да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за неверојатни 95 проценти, додека вкупно 424 големи градови ќе бидат поврзани со пристаништа, аеродроми и железница. Покрај тоа, плановите предвидуваат намалување на летовите на кратки релации за 80 отсто, додека самите возови – кои би се протегале на 22.000 километри – ќе бидат 30 отсто побрзи од автомобилите и традиционалните железнички линии, пренесува Metro.co.uk.
Во 2022 година, транспортот беше одговорен за околу 29 отсто од емисиите на стакленички гасови во ЕУ.

Мрежата за супербрзи возови, која треба да го поврзе речиси целиот континент до 2040 година, беше претставена од данскиот тинк-тенк 21 Европа, а регионот на Западен Балкан ќе биде директно поврзан со клучните европски метрополи, вклучувајќи ги Мадрид, Рим, Истанбул и Киев – со брзи возови кои може да достигнат брзина до 400 км/ч.

Визијата на Starline има за цел да ја преобликува постоечката железничка инфраструктура, опишувајќи ја како „фрагментирана, нерамна и често бавна“ и да понуди ултра брзи врски кои би се натпреварувале со воздушниот сообраќај.

„Вистински интегриран железнички систем повеќе не е само прашање на погодност, тој е стратешка неопходност за издржливоста на Европа во 21 век“, се наведува во документот. „Дизајниран како метро, ​​Starline ја менува перцепцијата на Европејците – не како збирка од далечни земји, туку како една брза, поврзана мрежа“, пренесува eKapija.

Возовите би се движеле со брзина од 300 до 400 km/h, што значи дека патувањето од Хелсинки до Берлин би траело нешто повеќе од пет часа – значително пократко од денешното еднодневно патување. Патниците не би биле поделени по класа, туку по „потребни зони“ – тивки работни зони, семејни области и слично.

Возовите ќе имаат препознатлив темносин дизајн, а станиците би се граделе надвор од големите градови, со директна врска со јавниот превоз. Планот е овие станици да станат урбани културни центри – со ресторани, продавници, концертни сали, музеи и спортски објекти.

За да ја направи визијата реалност, 21st Europe предлага модел на јавно финансирање во кој националните железнички компании ќе управуваат со линиите преку систем на франшиза. Централната координација ќе ја врши новата Европска агенција за железници (ЕРА), во рамките на ЕУ, која ќе ги надгледува техничките стандарди, интероперабилноста и долгорочниот развој на мрежата.

Работната сила – од машиновозачи до персоналот на станицата – ќе биде обучена според единствени европски правила, за да се обезбеди конзистентност низ мрежата. Starline би користел универзален систем за билети.

Иако е исклучително амбициозен, проектот има јасна временска рамка: целта е Starline да биде оперативна до 2040 година. „Сега почнуваме да градиме мрежа за да поттикнеме вистински промени – здружувајќи ги носителите на одлуки, дизајнерите и лидерите во индустријата за да ја претворат визијата во реалност“, заклучува тинк-тенкот, пренесува Biznis.rs.

Планот има три недостатоци – се појавува токму во моментот кога се шпекулира за масовно вооружување на Европа во вредност од над 350 милијарди евра, кои би можеле да се потрошат на Starline; Русија и Белорусија, како и земјите од Кавказ (Ерменија, Грузија и Азербејџан) се исклучени од мрежата. Исто така, линиите на Балканот имаат чудна поврзаност (нема линија Белград-Загреб или Белград-Подгорица, недостига Скопје), што значи дека за тие линии би требало да се погрижат локалните држави, што би било огромен товар, или планот дополнително да се елаборира.