Продажбата на лажно маслиново масло, предупредува Европол, стана вообичаена во земјите што произведуваат маслиново масло како Шпанија и Италија. Утврдено е дека членовите на организираните криминални групи вклучени во измами со храна користат т.н „лампанте масло“, полоша варијанта на маслиново масло, со цел да се разреди нивниот производ- пишува Вечерњи лист.
Токму вакво маслиново масло е запленето во акцијата ОПСОН, чија цел беа криминални групи вклучени во препродажба на фалсификувана или расипана храна. Во заедничка акција на италијанската и шпанската полиција уапсени се 11 лица, а Европол предупредува дека запленетите 260.000 литри лажно маслиново масло биле рекламирани и продадени како оригинални. Односно како ладно цедено маслиново масло.
Маслиновото масло Лампанте се карактеризира со висока киселост, непожелен вкус и исклучително непријатен мирис, поради што не е погодно за консумирање. Европол, исто така, појаснува дека терминот „лампанте“ доаѓа од неговата историска употреба кога се користел како гориво во маслените светилки.
Во рации извршени во Италија и Шпанија, одземени се четири автомобили, 91.000 евра и разни документи. Италијанските истражители пребарале три фабрики за маслиново масло во Сицилија и Тоскана, за кои се сомневале дека произведуваат лажно маслиново масло. Од сопственикот побарале список на клиенти и документација.