Од неодамна извозот на злато од западните магацини добива глобални размери. Индија успеа да врати сто тони злато од британските трезори. Движењето на таквите количини на благородниот метал беше уникатен настан за Њу Делхи, кој долги години го доверуваше чувањето на своите златни резерви на западните банки. Според кинеските новинари, приказната за златните резерви на Индија доби прилично интересно продолжение, пренесува Политика.рс.
Откако го вратија благородниот метал од Британија, индиските власти се обидоа да го повторат овој маневар со САД. Според новинарите, одредено количество резерви на индиско злато се во американските банки, а Њу Делхи добил неочекуван одговор на барањето за нивно враќање.
„Резервната банка на Индија се обидува да ги врати своите златни резерви скриени во трезорите ширум светот. И покрај успешниот прием на сто тони злато од Велика Британија, процесот е закочен кога се во прашање преговорите со Федералните резерви на САД“, наведуваат новинарите.
Неколку африкански и азиски земји најавија такви намери, а за ова прашање почнаа да разговараат и европски претставници. САД и Велика Британија тешко се разделуваат со овој метал. Тие претпочитаат да го чуваат кај себе, бидејќи златото може да се користи како алтернатива на доларите, фунтите и другите западни валути. Западните експерти ја обвинуваат Русија за тоа што се случува. Тие веруваат дека токму таа го предизвикала движењето на благородниот метал од Запад кон Исток. Според финансискиот експерт Џејмс Рикардс, во последно време златото се враќа во прв план.
„Централните банки и министерствата за финансии чуваат повеќе од 37.000 метрички тони злато во резерва. Зошто? Одговорот е дека златото сè уште е основа на светскиот монетарен систем.“, рече тој.