Денеска, почна откупот на тутунот од реколтата 2018 година. Според базата на податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до денеска се отворени 195 откупни пункта на кои тутунарите може да го предаваат тутунот. Државниот инспекторат за земјоделство ги направи сите проверки на пунктовите.

tutun

Во годинешната реколта се засеани 14.802 хектара со тутун, а склучени се 34.104 договори со 9 откупни претпријатија. Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пријавија 23.430 издадени евидентни листови. Вкупната договорена количина за откуп изнесува над 29.000 тони тутун.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој денеска од Прилеп и официјално го објави почетокот на откупот, порача дека се очекува непречен откуп со стабилни откупни цени. Во споредба со реколтата 2017, за новото производство на тутун се издадени 57 евидентни листови повеќе од лани и се склучени над 4.700 повеќе догвори од ланската реколта. Годинава има и зголемување на засадените површини со тутун, и тоа 387 хектари.

Николовски потенцира дека оваа година се исплатија над 28 милиони евра по основ на новиот модел за зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2017, и тоа првпат навреме, кога им беа најпотребни на тутунарите. Со новиот модел на зголемени субвенции, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.

Со новиот Закон за тутунот, како што истакна Николовски, се очекува укинување на евидентните листови, а целата процедура ќе се прави внимателно и постепено заради тоа што се потребни софтверски надградби и одредено време за приспособување. Конкретно, во 2019 година МЗШВ заеднички со сите фактори, со откупувачите на тутунот и со тутунарите, ќе направи пилот-проект, чие функционирање во 2019 година ќе се тестира со цел да се приспособат институциите и во 2020 и официјално да се воведе. Од Министерствто велат дека ова ќе значи намалување на административните процедури што ги имаат тутунарите бидејќи тие ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија, а сите бирократски формалности ќе бидат преземени од тутунските компании. Истовремено, овој закон предвидува понатамошно усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на приспособување кон европските стандарди и го регулира прометот со новите тутунски производи во согласност со Директивата 40/2014.