Започна Твининг проектот „Јакнење на институционалнниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзино членство во Европскиот систем на централни банки”. Главна цел на овој проект финансиран од Европската Унија (ЕУ) е да се поддржи нашата централна банка во натамошното усогласување на правилата, регулативата, политиките и работењето со стандардите на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ) и со најдобрите меѓународни практики, заради натамошното одржување на макроекономската и финансиската стабилност. Во спроведувањето на проектните активности, партнери на Народната банка ќе бидат централните банки на Германија и Хрватска, а во дел од активностите предвидено е се вклучат и експерти од централните банки на Белгија, Литванија, Португалија, Романија и од Холандија.
Денес се одржа почетната конференција на проектот, на која подетално беа претставени планираните остварувања во рамки на четирите проектни компоненти – платежни услуги и платни системи, банкарска регулатива и супервизија, статистика на финансиските сметки и анализа на политиките.
„Со поддржувањето на овој проект, укажана ни е голема доверба, којашто не се сомневам дека ќе ја оправдаме со испорачување конкретни резултати. Особено е важно што во сите четири области опфатени со проектните активности во периодот по глобалната економска криза, на глобален план се случуваат големи промени кои значат и нови предизвици за централните банки. Неопходно е и ние како централна банка да држиме чекор со овие глобални трендови”, посочи, меѓу другото, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во поздравното обраќање во кое се заблагодари за добиената поддршка за спроведување на Проектот.
Раководителот на Одделот за економски прашања, институционално јакнење и прекугранична соработка при Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Фрек Јанмат, истакна дека ЕУ ги поддржува напорите за реформи на Народната банка. „Овој нов проект финансиран од ЕУ има за цел да ги зајакне институционалните капацитети на Народната банка за да ги исполни барањата на ЕСЦБ. Проектот особено ќе придонесе за понатамошно зајакнување на капацитетите и функциите на Народната банка во областите на платните системи и платните услуги, финансиската стабилност, супервизијата, економските анализи, истражувањето и статистиката. Меѓу главните конечни цели на Проектот е модернизирање на платежните услуги на земјата: конкретно, подоброто регулирање и поголемата конкуренција ќе им бидат од полза на потрошувачите и бизнис-заедницата, благодарение на зголемениот број на даватели на услуги и намалените трошоци.” – рече Јанмат.
На Конференцијата, поздравни обраќања имаа и амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих и вториот секретар на Амбасадата на Република Хрватска, Ана Вучиќ. Притоа, Герберих порача дека сите „мора да останеме целосно концентрирани на реформскиот процес што конечно ќе доведе до полноправно членство во ЕУ, со цел да понудиме можности и најдобри услови за живот за сите. Еден од клучните приоритети на овој реформски процес е реформата во банкарскиот сектор како дел од реформата на економскиот систем. Од таа причина, овој твининг проект ќе ѝ помогне на Народната банка да добие поддршка во одржувањето на стабилноста на макроекономскиот и на финансискиот систем, во корист на сите економски субјекти.”
Вучиќ се осврна на поддршката којашто ѝ ја дава Хрватска на нашата земја во сиот изминат период, преку експертиза во рамки на бројни проекти насочени на активностите коишто треба да се спроведат во рамки на евроинтегративните процеси, изразувајќи го задоволството што се партнери и во овој проект насочен кон унапредување на централнобанкарското работење. „Силно верувам дека градењето на капацитетите е вистинска инвестиција во иднината на една земја и нејзините граѓани. Затоа, им изразувам искрена поддршка на сите партнери на овој проект. Вашата посветена работа ќе придонесе за просперитет, стабилност и одржлив развој на Република Северна Македонија.” – истакна таа во завршницата на своето обраќање.
На Конференцијата се обратија и претставници на проектните партнери – централните банки на Германија и Хрватска, по што планираните проектни активности подетално беа презентирани и од проектните лидери.
Од активностите коишто ќе бидат остварени во рамки на четирите проектни компоненти се очекува дека освен Народната банка, полза ќе имаат и сите економски субјекти во земјава.
Проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзино членство во Европскиот систем на централни банки” ќе трае до крајот на следната година. За неговото спроведување, ЕУ има издвоено 600.000 евра.